Главна цел на нашиот бизнис е зголемување на еколошката свест кај луѓето за процесите на рециклирање , реупотреба и репарација, како и намалување на отпадот, каде што најчесто завршува поголемиот дел од стариот мебел. Исто така кај нас за жал некогаш стариот мебел завршува и како огревно средство во некои домови или пак се пали на отворени депонии со што се испуштаат токсични супстанци кои се многу штетни за здравјето на човекот , па со овие процеси на некој начин директно влијаеме и на намалување на загадувањето на воздухот, кој станува сериозен проблем во нашата земја. Уште една од главните цели на Спин е задржување на сентименталната вредност која луѓето ја имаат со некое посебно парче мебел, како и културната вредноста на ваков тип на мебел кој денеска се заменува со сериско производство од нееколошки материјали. Потребата да се даде еден еколошки пристап при дизајнирањето мислам дека станува се поважна, па спојот на уникатниот дизајнот и еколошкиот пристап се главните карактеристики на СПИН. Важна цел во овој зелен бизнис е и зачувување на традиционалните занаети, кои се повеќе изумираат за жал,а тоа го правиме преку вклучување на традиционални занаетчии (столари, тапетари, бравари, ткајачки и сл) кои што со својот професионален пристап ги реализираат нашите дизајни. Во процесите на дизајнирање на парчињата некогаш се вклучуваат и млади уметници и дизајнери, со што им оставаме простор да остават уникатен печат во изработката на некои од парчињата на СПИН.