За нас


Yes for Less е првата македонска платформа која ти помага да ги најдеш сите информации потребни за поодржлив начин на живот на едно место.
И покрај тоа што многу луѓе се обесхрабрени од светските и локалните политики тврдејќи дека ние самите ништо не можеме да промениме, ние веруваме во една поинаква филозофија. Иако има одлуки врз кои не можеме или е тешко да влијаеме, сметаме дека секој од нас индивидуално може да направи мала промена и дека само со мали чекори, можеме да стигнеме до големи промени еден ден.
Откриј ги сите зелени и општествено одговорни бизниси и најди ги на мапата која ја создадовме
Едуцирај се и инспирирај се преку информативни содржини и вистински локални еко-приказни
Разменувај одржливи навики и совети и биди дел од еко заедницата

Мисија и визија

Дали често се наоѓаш во ситуација да сакаш да замениш некој производ или сервис со еколошка алтернатива, но не знаеш каде да бараш или мислиш дека истиот не постои во Македонија? Сакаме да ви помогнеме на сите вам кои сте желни и спремни за промена да имате полесен пристап до потребните ресурси и информации за живеење на еден поодржлив живот.
Нашата цел е да креираме една зелена мрежа со собирање на сите мали, средни и големи бизниси во Македонија кои што на свој начин придонесуваат за одржлив развој.

Еко-заедницата како главен двигател на нашата мисија

Одржливиот развој ги опфаќа сите сфери од нашето живеење, а еден човек не може да биде експерт во сите полиња. Комуницирајќи со голем дел од нашите следачи на социјалните мрежи, дел индивидуи, а дел мали бизниси желни за промена, увидовме дека има многу да споделиме и да научиме меѓусебно. Постојано откриваме нови проблеми со кои луѓето се соочуваат во полето на одржливото живеење во нашата земја, но и разновидни решенија, идеи и перспективи кои ни ги отвараат гледиштата и постојано не мотивираат да продолжиме со она што го правиме.

Затоа решивме на секој од вас кој има да сподели нешто корисно, едукативно и инспиративно со другите, да му дадеме шанса да биде дел од ова движење, а со тоа и од нашата еко-заедница.
Како може да се приклучиш кон нашата еко-заедница?

Кои сме ние?

Тим

Катерина Илијовска
Дипломиран инженер технолог
со магистерски студии во областа
на Енергетска транзиција и
алтернативни горива.

Освен тоа, обожава да планинари,
сака добро напишан текст и
спасување стар мебел фрлен
на улица.

Сара Коцевска
Дипломиран и магистриран
архитект со голема заинтересираност
за еколошки проекти и енергетско
ефикасни објекти.

Освен тоа, многу сака кога прави
5 работи во исто време, а специјалност
и е да предложува идеи и размислува
100 на саат.

Нашата приказна

Се запознавме пред 9 години волонтирајќи во хуманитарна организација, а нашето пријателство се продлабочи откако станавме дел од бордот на студентската организација БЕСТ - Скопје. Работењето заедно во текот на повеќе од 3 години ни дозволи да се соочиме со најразлични предизвици при организирање на настани, да бидеме дел од интернационални размени и да добиеме искуство во менаџирање на проекти.

Во 2017, двете заминавме во странство поради нашите магистерски студии, Сара во Италија и Франција, а Кате во Полска, Португалија и Шпанија. Гледајќи како граѓаните на сите овие држави живеат и се однесуваат кон животната средина, нè поттикна да размислуваме што и ние во Македонија правиме подобро, а што полошо, и што можеме да научиме од нив и да примениме кај нас. Така, во јануари 2021 го започнавме нашиот Instagram профил со кој првичната идеја беше споделување на секојдневни, еколошки навики со нашите пријатели и најблиски и учење едни од други.

Како се роди и развиваше Yes for Less?

2019-2020

Почнавме да размислуваме за како да го преточиме нашето знаење и желба за поодржлив живот во нешто корисно за другите

Јануари
2021

Го отворивме Инстаграм профилот Yes for Less

Октомври 2021

Бевме примени на програмата за социјално претприемништо RISE Journey од АРНО

Февруари
2022

Како едни од двата победници на RISE Journey II добивме можност да ја доразвиеме нашата идеја

Јули
2023

Yes for Less доби своја веб-страница

How was Yes for Less born?

2019-2020

Почнавме да размислуваме за како да го преточиме нашето знаење и желба за поодржлив живот во нешто корисно за другите.

Јануари 2021

Го отворивме Инстаграм профилот Yes for Less.

Октомври 2021

Бевме примени на програмата за социјално претприемништо RISE Journey од АРНО

Февруари 2021

Како едни од двата победници на RISE Journey II влеговме во инкубациска фаза на програмата

Јануари 2023

Yes for Less доби своја веб-страна

Yes for Less етикети


Еден од поглавните концепти на одржливото живеење е одговорниот консумеризам, а за да консумираме одговорно нешто што бизнисите од кои купуваме производи и услуги треба да ни го обезбедат е транспарентноста. Ние купувачите имаме право да знаеме од каде доаѓаат производите кои што ги купуваме, кој ги произведол и во какви услови, кои материјали и состојки се користеле за нивната изработка/добивање и слично.
Ние веруваме дека бизнисите и компаниите кои навистина се грижат за своите вработени, животната средина и влијанието што го имаат врз другите со своите производи и услуги, немаат причина да не бидат транспарентни. Затоа создадовме 9 етикети кои претставуваат различни вредности, кои според нас би можеле да му значат на секој оној кој е заинтересиран за поодржлив живот и носење на подобри куповни одлуки. Секој бизнис кој е поставен на нашата платформа соодветно го етикетиравме за да ви помогнеме да купувате во согласност со вашите вредности.
Ниту производите ниту пакувањето не содржат никаков вид на пластика.
Пластичниот отпад и екстракцијата на фосилни горива претставуваат огромни проблеми на денешницата, затоа ние ги поддржуваме бизнисите кои прават напори да користат алтернативни материјали за производство и амбалажа.
Локално произведено
во границите на Р. Македонија.
Производите направени во нашата земја придонесуваат за развојот на локалната економија и потенцијално ја намалуваат количината на емисии од јаглерод диоксид кои би се генерирале при транспортот на увезени производи.
Бизнис предводен од минимум 60% жени.
Во нашето општество, а и на глобално ниво, водењето бизнис често се смета како работа на мажите. Затоа сакаме да го урнеме стереотипот дека успешен бизнис може да водат само мажи и да ги истакнеме бизнисите кои се во сопственост и под менаџмент на жени.
Придонес кон општеството и
животната средина.
Бизниси кои донираат дел од својот профит во хуманитарни цели или иницијативи за заштита на животната средина, или пак директно се вклучуваат во такви акции со донирање на производи/услуги или одвојување дел од своето време за да помогнат.
Амбалажата на производите може да се врати до бизнисот за повторна употреба.
Реупотребата на амбалажите во нивната првобитна состојба е поеколошка опција од нивното рециклирање бидејќи при процесот на рециклирање некои материјали како пластиката и хартијата го губат квалитетот, а се трошат и други ресурси како енергија, вода и слично.
Сите или поголем дел од производите се рачно изработени.
Рачно изработените производи имаат посебна душа и уникатност за разлика од оние направени преку индустриски процес, и потребно е повеќе време и труд за нивната изработка.
Органски производи или производи кои содржат состојки од органско потекло.
Под органски производи се подразбираат оние кои се произведени без употреба на хемиски пестициди, ѓубрива, хербициди и други хемикалии, или пак без рутинираната употреба на антибиотици и хормони за раст доколку станува збор за добиток. Со оваа вредност сакаме да им го олесниме изборот на купувачите кои се грижат за одржување на своето здравје и здравјето на почвата преку користење нa  органски производи.
Производи кои не содржат никакви состојки од
животинско потекло.
Начин на исхрана и живот со кој се избегнува било каква грубост над животните, нивно искористување или искористување на нивните производи за храна, облека и друга намена. Затоа сакаме да им помогнеме на поединците во потрага по вакви производи лесно да ги препознаат бизнисите со таква понуда.
Производи кои не содржат месо, риба, морски плодови и други состојки кои се добиваат со убивање на животни.
Начин на исхрана и живот со кој се избегнува конзумирање на месо и некои други животински производи како на пример салото, од различни причини (етички, еколошки и сл.). Затоа сакаме да им помогнеме на поединците во потрага по вакви производи лесно да ги препознаат бизнисите со таква понуда.

Ти помагаме да консумираш одговорно


Одговорниот консумеризам претставува задоволување на нашите секојдневни потреби имајќи гo предвид влијанието што нашите куповни одлуки го имаат врз животната средина и општеството. Овој концепт вклучува рефлексија за кои се нашите вистински потреби кога ќе помислиме да купиме нешто, информирање за опциите кои ги имаме, и одбирање на оние опции кои придонесуваат за личното и општественото добро, и кои имаат најмало влијание врз животната средина.