Играчки и игри за деца преку реупотреба на отпадни материјали: интервју со Елена Стојчевска

Запознајте ја Елена, хуманистка, мајка и пионерка на одржливиот живот. Елена е мајка на две прекрасни деца со една цел: насочување кон поодржлив начин на живот за себе и своето семејство. Таа цврсто верува дека вистинската промена и едукација започнува токму во најблискиот круг – дома, па така посветено го вклучува и своето семејство во оваа мисија. Успева да го претвори секојдневието во едукативна авантура, при којашто исто така размислува и на животната средина со тоа што креира едукативни игри и играчки од реупотребливи материјали. Sирнете малку и во светот на животот во Холандија, и како таму тие се грижат за нивните граѓани и тие да живеат поодржлив начин на живот.
Автор: 
Славенија Поповска
Дата: 
July 5, 2024
Време на читање: 
3-5 min

1. Раскажи ни ги почетоците на твојата идеја и Инстаграм профил. Дали уште пред да станеш мајка имаше желба да правиш играчки и игри од реупотребени материјали или тоа се случи откако започна со мајчинството?

Желбата за реупотребување на материјали или поконкретно амбалажи од продукти ми е многу оддамна. Порано ги реупотребував за потребите низ домот, за создавање украси, за подоцна со мајчинството таа желба да добие една друга димензија во создавање на активности и играчки за моите деца.

Сакам да фотографирам убави работи, па полека игрите си го наоѓаа своето место на профилот со желба некој да ги види и да се инспирира да создаде нешто интересно.

2. Како твоите деца реагираат на играчките од реупотребени материјали во споредба со готови играчки од продавница?

Децата се радуваат на секакви играчки, меѓутоа вистинско уживање претставува кога играчката ја создаваме сами, баш онака како што вие сакате до последниот детаљ. Жарот во очите на детето и желбата сите да дознаат дека од “ѓубрето“ создале цел еден свет, доволно зборува.

3. На твојот профил може да се видат голем број на рачно изработени играчки од секакви материјали. Што се случува со нив откако ќе им здодеат на децата? Дали повторно ги реупотребувате за нова игра или можеби ги донирате на други деца?

Кај нас дома имаме многу материјали за изработка, а можеби исто толку и играчки. Некои играчки децата ги прифаќаат и ги употребуваме додека не се оштетат, додека има и такви за кои не сме го погодиле вистинскиот момент. Тие играчки најчесто ги носиме во градинка, а откако живееме во Холандија ги оставаме и во уличните библиотеки. Понекогаш посакувам да постои некое катче за размена на вакви креативни играчки и игри.

Дел од играчките што Елена ги има изработени за и заедно со своите деца

4. Дали мислиш дека растењето со ваков тип на играчки придонесува за развој на еколошката свест кај децата уште од мали?

Кога моето дете добива подарок играчка, секогаш добива два подароци, играчката и амбалажата која веднаш ја дебатираме во детали, сѐ додека не создадеме совршен план за нејзината реупотреба. Така што мојот одговор е да! Ние како родители имаме одговорност да воспитаме еколошки свесни деца, а децата најлесно учат низ игра.

5. Неодамна се пресели во Амстердам, Холандија, кадешто еколошката свест е на многу повисоко ниво. Со што се занимаваш моментално на професионално поле и дали би можела да ни кажеш што се Холанѓаните практикуваат од еколошки навики?

Во моментот работам во компанија каде задача ми е колегите да ги правам среќни 😊 Мислам дека екологијата е дел од секојдневието на холанѓаните и иако и тука има безброј кампањи за заштита на животната средина , основните еколошки ситуации за нив се рутина и сметам дека се многу нервозни кога туристите им фрлаат ѓубре насекаде!

6. Дали сметаш дека пристапот во учлиштата во Холандија е правилен за развојот на децата и стекнувањето на еколошки навики уште oд најрана возраст? Дали сметаш дека понатака тие истите ги понесуваат со себе?

Децата во Холандија се родени со еколошки навики, значи едноставно тоа им е во свеста и потоа само се надополнува. Еве конкретна ситуација кога се воведе системот за рециклирање на лименките, како што беше објаснето како системот функционира на вести на телевизија, така и во училиште децата имаа час за да го научат функционирањето на цел тој систем и значајноста на истиот. Децата во Холандија знаат што во која канта, каде и кога треба да се остави и многу често знаат да имаат осудувачки став кон оние кои не постапуваат така. Сето тоа е затоа што еколошки свесни деца се воспитуваат уште од многу мали.

7. Што е најинспиративното нешто што го имаш видено досега во Холандија во однос на градењето на еколошки навики кај помалите генерации?

Секој ден буквално се восхитувам од нешто ново што ќе видам, има многу работи кои сакам да ги споделам (ги споделувам често на мојот Инстаграм профил) но би сакала да одвојам една ситуација.

Бев фасцинирана од училишниот систем за донации во Холандија дали за болно дете, дали за настрадани од елементарни непогоди и сл. Се донираат пластични шишиња или лименки, децата од повисоките одделенија ги собираат, сортираат и ги носат во системите за рециклирање и парите кои ќе ги добијат се наменети за храна или ги донираат зависно од ситуацијата. Јас мислам дека бев пресреќна кога ова го видов затоа што нема посовршен начин да навистина секое дете може да е хумано, а исто така се развиваат еколошки вредности и се помага на оној кој му е најпотребно.

8. Кои се некои други еколошки навики што ги применуваш заедно со твоите деца покрај правењето играчки од отпадни материјали? Кои се реакциите и поддршката од твојот сопруг?

Без сопругот ништо 😊 Секако дека двајцата сме сложни за овој тип на воспитување на децата и секогаш ставот е заеднички! Од кога сме преселени во Холандија не купуваме повеќе сликовници за децата, ги користиме најчесто училишните библиотеки и за сликовници и за игри и играчки. Уживаме кога на пазарите за втора рака ќе најдеме забавни игри за децата и тие веќе се научени и можам со сигурност да кажам дека едвај чекаат да се дел од таквите настани.

Јавни улични библиотеки во Холандија
Играчки кои се продаваат на базари од втора рака за евтина цена

9. Нешто што ти лежи на душа и би сакала да го споделиш со нашата еко заедница, која е твојата порака?

Многу сум среќна што се преселив во европска земја каде грижата за животната средина е на далеку повисоко ниво од Македонија, за жал не можам да кажам дека Амстердам е чист град, бидејќи е полн со туристи и на моменти се апелира, дека службите не можат да исчистат доволно колку што може туристите да направат ѓубре, но сепак постои различно развиена свест.

Она што ми лежи на душата и често знае да ми направи инает е тоа што Холанѓаните се доста рационални луѓе, во развојот на деца нема апсолутно никаков ексклузивитет, детските театарски претстави се со алтернативни костуми од реупотребалив материјал, што на почеток ми беше и тешко културолошки да се привикнам, ателјеата за деца и секоја работилница е апсолутно со реупотребливи материјали и тука нема простор за дискусија. Буквално сe’ што се случува околу мене е направено со минимум инвестиција. Eве во еден огромен парк блиску до мојот дом има едно заградено ќоше каде има секакви видови камења има знак ателје и тука децата прават баланс кули од камења и е многу забавно и бесплатно.

Па секојдневно соочувајќи се со вакви ситуации се прашувам што е она што е тешко да се канализира и недостига во Македонија за да има за децата вакви едукативни и забавни нешта што ќе бидат со минимум трошок за родителите и каде што и ќе се развива еколошката свест.

Катче каде децата може да прават баланс кули и други игри од камења

Славенија Поповска

Славенија e студентка на катедрата за Германски јазик и книжевност. Девојка што е заљубена во книги и пишување, со надеж дека еден ден ќе издаде и своја книга. Поборничка за поголема еколошка свест во општеството како и преголем љубител на природа. Слободоумна девојка којашто сето свое слободно време го поминува во читање и планирајќи го своето следно патување.

Предлог блогови за читање

Зелената Арка и Бостание: како градинарството промовира одржливо живеење
Имавме голема чест да разговараме со еден од основачите, Димитар Самарџиев, којшто ни раскажа нешто повеќе за Зелената арка која е граѓанската организација, здружение на граѓани или невладина организација основана во 2007. Исто така ни објасни и за општествената градина Бостание која е резултат од проектот на Зелената арка „Развивање на прва урбана градина во Град Скопје“. Во овој разговор ќе дознаеме повеќе за нивната инспирација, мисија и визија за иднината. Ќе откриеме заедно како започнало се, кои се предизвиците со кои се соочуваат и какви совети имаат за сите нас. Подгответе се за кратко читање и инспирација од нив за создавање на поголеми еколошки навики.

Пишувај за нас!

Имаш знаење на одредена тема поврзана со екологија? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите?
Пријави се
Text Link