Зелената Арка и Бостание: како градинарството промовира одржливо живеење

Имавме голема чест да разговараме со еден од основачите, Димитар Самарџиев, којшто ни раскажа нешто повеќе за Зелената арка која е граѓанската организација, здружение на граѓани или невладина организација основана во 2007. Исто така ни објасни и за општествената градина Бостание која е резултат од проектот на Зелената арка „Развивање на прва урбана градина во Град Скопје“. Во овој разговор ќе дознаеме повеќе за нивната инспирација, мисија и визија за иднината. Ќе откриеме заедно како започнало се, кои се предизвиците со кои се соочуваат и какви совети имаат за сите нас. Подгответе се за кратко читање и инспирација од нив за создавање на поголеми еколошки навики.
Автор: 
Славенија Поповска
Дата: 
June 19, 2024
Време на читање: 
5 min+

1. Кој е тимот позади идејата на Зелената Арка? Раскажете ни кратко за вас како личности и како вашето досегашно искуство и знаење придонесе за реализирањето на оваа идеја.

- Тимот на Зелената арка е составен од посветени активисти, кои имаат долгогодишно искуство во областа на животната средина и пермакултурниот дизајн. Нашите членови доаѓаат од различни професионални сфери, што ни овозможува мултидисциплинарен пристап за митигација и адаптација на тековните еколошки и климатски предизвици. Нашето искуство вклучува работа на разни проекти за заштита на животната средина, во голема мера тоа подразбира неформални образовни дејности, како одржување работилници, обуки и практична примена на пермакултурниот дизајн во локалните заедници. Што се однесува до осмислувањето и изведбата на општествената градина „Бостание“, тоа се заснова на искуствата стекнати при изведбата на слични градини од помали размери на разни локации почнувајќи од 2008 до 2019 година. Нашите знаења и вештини за дизајнирањето обновливи агроекосистеми, како и искуството во управувањето со проектите и граѓанскиот активизам, се клучни за успешното реализирање на нашите иницијативи.

2. Од каде всушност дојде вашата идеја за Зелената Арка и општествената градина „Бостание“? Дали проектот е самофинансиран или добивте некаква финансиска поддршка за отворање на градината?

Идејата за Зелената Арка произлезе од нашиот интерес за пермакултурниот дизајн и неговиот потенцијал за создавање одржливи агроекосистеми и подобрување на квалитетот на животната средина во полза на заедницата. Тоа нè поттикна да основаме организација што ќе ги применува начелата на пермакултурата, за да ги опредметува општополезните вредности преку конкретни и опипливи проекти. 

Општествената градина „Бостание“ е еден од нашите позначајни проекти, создадена е со цел да служи како пример за здружено регенеративно градинарење и заедничко искуствено учење. Проектот со наслов „Развој на прва урбана градина во град Скопје“ беше финансиран од Град Скопје, за да се основа општествената градина „Бостание“ како негов краен резултат. Од 2021 година натаму, „Бостание“ се одржува и развива преку координираните напори на Зелената арка и градинарите, кои учествуваат преку самопридонес, заемна поддршка и здружен труд.

3. Колку време постои Зелената Арка и Бостание?

Зелената Арка е основана во 2007 година. Додека општествената градина „Бостание“ е основана во 2019 година и официјално отворена за јавноста во 2021 година.


4. Колку членови и волонтери брои вашата граѓанска организација и самата градина?

Зелената арка има неколку активни членови, а во општествената градина „Бостание“ има педесетина редовни градинари, кои учествуваат во одржувањето и развојот на градината, со дополнителни волонтери, кои се приклучуваат за време на специфични настани и акции.

5. Зошто конкретно ја одбравте локацијата во Аеродром за градење на општествената градина „Бостание“?

Местоположбата на општествената градина „Бостание“ е во рамките на паркот Лисиче на работ од населбата Ново Лисиче и близу брегот на Вардар. Токму оваа локација беше избрана поради неколку причини. Во околината има добри услови за градинарење, вклучувајќи доволно плодна почва и достапност на вода. Понатаму, се работи за густо населена општина, што значи дека многу луѓе ќе имаат полза од блискоста на градината и можноста да учествуваат во нејзиното одржување и развој. Исто така, општината Аеродром покажа интерес и поддршка да се отстапи јавен простор за изведбата на општествената градина „Бостание“, со разбирање дека тоа го подобрува квалитетот на животот на жителите и промовира еколошки прифатливи практики на здруженото градинарство во градското подрачје. Конечно, седиштето на Зелената арка е во истата општина, па дури и поголемиот број од членовите на граѓанската организација живеат во околината.

6. На кој начин функционира градината Бостание, како може да се добие парче земја за одгледување на култури (дали лицето мора да е член на вашата организација, дали се плаќа, на колку време се добива парчето земја и сл.)?

Градината Бостание функционира врз основа на принципите на заедничкото градинарење, пропишани со правилата на градинарскиот ред. За да стане корисник на леа за одгледување градинарски култури, лицето не мора да биде член на Зелената Арка, но се охрабрува, ако посака да се вклучи во активностите на организацијата и заедницата. За да се почне со градинарењето на определена леа, нужно е да се пополни пријавата за учество, при што однапред треба да се прифати градинарскиот ред и да се внесат основните лични податоци во списокот на заинтересираните идни градинари. Леите се доделуваат во рок од една календарска година со уплата на симболичен месечен самопридонес за одржување, но од градинарите се очекува да придонесуваат со својот труд и да учествуваат во заедничките активности за развој на градината. Иако леите се доделуваат на период од една година, постои можност за продолжување на учеството, зависно од волјата, активноста и придонесот на градинарите.

7. Како функционира градината во однос на споделувањето на знаење? Дали дел од проектот може да биде некој кој досега нема одгледувано култури и доколку да, како членовите меѓусебно си помагаат?

Општествената градина „Бостание“ е отворена за сите добронамерни со волја здружено да градинарат, без разлика на степенот на дотогашното искуство во градинарењето. Новите градинари, вклучувајќи ги и оние кои никогаш не одгледувале градинарски култури, се добредојдени да се приклучат. Зелената арка организира работилници и обуки каде што се споделуваат знаењата од пермакултурниот дизајн, обновливото агроеколошко градинарство и разни техники за одгледување јадливи растенија и билки. Поскусните градинари го споделуваат знаењето, така што нудат совети и поддршка за новите членови, при секојдневните градинарски активности. Меѓусебното потмогнување и споделувањето на знаењето ја крепи заедницата и го поттикнува учењето преку практична работа.

8. Дали можеби имате статистики колкав е приносот на овошје и зеленчук на месечно или годишно ниво? Секако не мора точни бројки, отприлика доколку знаете некоја бројка.

Точни податоци за вкупниот принос од зеленчукот и овошјето набрано во општествената градина Бостание уште немаме, затоа што не се следат систематски количествата од сите леи, туку за сега се сведува на волјата на некои од градинарите да споделат колку одгледале и собрале за определен период. Количествата се променливи и зависат од многу фактори, меѓу кои и атмосферските влијанија што се надвор од нашата контрола. Приносот зависи и од големината на парцелите, од видот и сортите на културите што се одгледуваат, од различните градинарски пристапи на учесниците во „Бостание“, а најмногу од сезонските услови. Сепак произведуваме доволно за повремени заеднички „гозби“ во градината, при што здружено си готвиме вкусни јадења од свежо набраните плодови и разменуваме готвачки рецептури и искуства. Произведеното и набраното овошје и зеленчук си го ползуваат градинарите за личната исхрана, повремено вишокот се споделува меѓусебно со другите, а во случај на позначителни количества би се донирал на поранливите сограѓани во локалната заедница.

9. Какво е влијанието што сакате да го постигнете со градење на оваа иницијатива кон животната средина, општеството и локалната економија?

Со развојот на општествената градина „Бостание“, Зелената арка цели да постигне општополезно влијание во поглед на регенеративните земјоделски практики според пермакултурните начела, за долгорочно да се намалува еколошкиот отпечаток, да се подобрува квалитетот на почвата и водата, да се зачувува агробиодиверзитетот и да се зголемуваат зелените површини во урбанизираните средини. При тоа се поттикнува заедништвото и соработката меѓу локалните жители, се обезбедува простор за социјализација и размена на знаења, се негува и унапредува културата за обновлив начин на живот. Тоа секако подразбира и поддршка на локалното земјоделство и економија преку купување и набавка на свежа, локално произведена храна, со што се закрепнува заедницата преку свесните избори на граѓаните. Дополнително, градината може да служи како примерен модел за други заедници и да инспирира слични иницијативи што ќе придонесат за културен и економски развој на локално ниво.

Славенија Поповска

Славенија e студентка на катедрата за Германски јазик и книжевност. Девојка што е заљубена во книги и пишување, со надеж дека еден ден ќе издаде и своја книга. Поборничка за поголема еколошка свест во општеството како и преголем љубител на природа. Слободоумна девојка којашто сето свое слободно време го поминува во читање и планирајќи го своето следно патување.

Предлог блогови за читање

Пишувај за нас!

Имаш знаење на одредена тема поврзана со екологија? Беше на некој интересен еко-настан и сакаш да ги споделиш твоите импресии со другите?
Пријави се
Text Link