Идејата за пласирање на бироазградливи хулахопки и чорапи е реакција на последиците што „брзата мода“ ги остава врз нашата планета и на идните генерации и нов начин да ја искористам технологијата и ресурсите на фамилијарниот бизнис. Не можев да продолжам да го развивам бизнисот на мојот татко без да направам одржлива промена и да размислувам за последиците кои ние како производители и потрошувачи ги оставаме зад себе. Одговорот на овие предизвици е да создадам бренд што не само што ќе изгледа современо и ќе решава проблем на самиот купувач, туку и придонесува за подобрување на нашата средина. Април22 се роди со идејата да изгледаме убаво и да се чувствуваме удобно без да ѝ наштетуваме на планетата Земја. Името на брендот е концептуално, доаѓа од денот на планетата Земја, 22 Април, со цел да промовира славење на планетата Земја секојдневно и еко-свесна потрошувачка.